Thursday, December 22, 2011

Четирите најужасни кампањски песни во македонската историја

Македонија можеби се наоѓа на 73-тото место според демократијата во светот со влошена слобода на медиумите, но тоа не не спречува да имаме првокласни политички песни.

4.  Ова мало ремек дело има многу тесен домен на дејствување. Поради својот провинциски дух, за жал е на последното место на мојата листа, но од друга страна тоа го прави посебно шармантно. Тоа што во песната се рапува за животите на дечките од УМС- ОК Кисела Вода не значи дека делото е неквалитетно или дека е со ниска продукција. Напротив, мислам дека ангажираниот рап е еден од најдобрите правци во историјата на музиката. Следејќи го примерот на Тупак, Мос Деф и Д Рутс, момците од УМС Кисела вода гаѓаат право во моето срце со стихови како:
Томче од Кисела Вода,
нов е не го чепкам
Мартин од Драчево
комуњаришта ќе тепал
Сашо од зградите
у „Долина на волците“ е филм,
а Даре од Усје оженет си бил



3.  Во 2002 година СДСМ добија нов мандат. Наводно тоа се должеше на лошите политики на претходната гарнитура, желбата на народот во пост-воена Македонија да види нов начин на владеење и слични рационални срања, но јас мислам дека за победата заслужен беше Дарио кој во кампањската песна за партијата ветрови го шибаа со 80 километри на час на врв на некој рид.

Повремено облачно со умерено засилен јужен ветар


 Нормално, семплот со Бранко и неговиот веќе култен говор “На петнаести септември овој народ“, пандан на “Јас имам сон“ на Мартин Лутер Кинг, помогна да се зацементира победата.




2.
Луѓето без насмевки,
изгубени полека одат,
живеат без надежи како во место да стојат,
премногу долго чекаме немаме младост и век,
знаеме што да правиме, од грешките учиме се.
Земјата бара будење пак,
предолго заспана била,
нашето сонце пробива мрак,
Македонија има сила

Оваа химна на ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та започнува со апокалиптички слики за Македонија и неможноста на народот во неа да се насмевне, пред да експлодира во прослава на надежта и прекрасен народен триумф.




1.  Младината на СПМ заслужено се најде на првото место. Со нивната нумера “Ајде, биди социјалист“ ни покажаа и докажаа како една партија треба да регрутира ново членство - со тоа што не фаќа на емоции и после ни го гали егото. Нормално, не може туку-така да станеш социјалист. Прво треба да се исполнат некои основни физички предизпоции, како на пример срцето да ти “бие на лева страна“.

Визионер (визионер)
космополит
мисионер, човек хуманист
биди и ти (биди и ти)
биди и ти,
ајде биди социјалист!

Спотот е исто така целосен успех. Малку наликува на оние колаборативни срања  на американските поп-ѕвезди, каде што Боно, Шер и компанија прават заеднички сингл-проект за да ги спасат црнците во Африка. Само ова е илјада пати позакон затоа што се симнуваат во слоу моушн на Кале. И еден тип мавта со прст зборувајќи за социјална правда. И го има и Ѕинго.

Мојот омилен дел е тоа црнечкото задоволно “Ммммм“ што се појавува одвреме-навреме. Генијално!

No comments:

Post a Comment

 

Propria Cures Copyright © 2011 -- Template created by O Pregador -- Powered by Blogger